Clean Air

Емисии во воздух

Основни загадувачки супстанции

NOx

Азотните оксиди (NOx) се група гасови составени од азот и кислород. Тие првенствено се формираат за време на процесите на согорување на горивата (горивни NOx) кога азотот и кислородот од воздухот реагираат (термички NOx) особено на високи температури, и се значајни загадувачи на воздухот. Двата најчести азотни оксиди се азот моноксид (NO) и азот диоксид (NO₂). NO₂ е црвеникаво-кафеав, токсичен гас, додека NO е безбоен. Од тие причини овие оксиди претставуваат производ на согорување на фосилни горива или биомаса. Двата оксиди се растворливи во вода при што се создаваат HNO₂ (од NO) и HNO3 (од NO₂). Ова својство на NO (и NO₂) е причина за појава на кисели дождови кои штетно влијаат врз целокупниот екосистем (вегетацијата, производството на храна, животинскиот свет особено воден) како и материјалните добра (особено оние кои можат да се раствораат под дејство на киселина). Двата оксиди предизвикуваат и секундарно загадување, односно NO може да се трансформира во нитритни честички (аеросоли) додека NO₂ во нитратни честички (аеросоли), придонесувајќи за загадување со фини честички (PM2.5). Главни антропогени извори на емисии на овие загадувачки супстанци е согорувањето на фосилни горива и биомаса во сите енергетски процеси (производство на енергија и топлина во термоелектраните, согорување во индустријата и градежништвото, транспортот (сообраќајот), согорување во домаќинствата и административните објекти, пожарите на депониите, на земјоделскиот отпад како и шумските пожари). Азотните оксиди се клучни супстанции кои заедно со испарливите органски соединенија (VOC) реагираат во присуство на сончева светлина при што доаѓа до формирање на фотохемиски смог. Денес, во нашата држава најголеми извори на емисија на NOx се категориите транспорт (сообраќајот), согорување во индустријата и градежништвото и енергетските инсталации за производство на ел. енергија и топлина.

NMVOC

Емисиите на неметански испарливи органски соединенија (NMVOCs) потекнуваат од многу различни извори и можат да се поделат во две главни групи процеси: нецелосно согорување и испарување. Малите постројки за согорување (на пр. согорување дрва во домаќинствата) се голем извор на NMVOC што потекнува од согорувањето. Други извори се возилата и други транспортни извори како што се националните навигациски бродови. NMVOCs од возилата за патен транспорт се намалуваат од 1990 година, поради воведувањето на катализаторските автомобили. Емисиите со испарување главно потекнуваат од употребата на растворувачи и екстракцијата, земјоделскиот сектор, , ракувањето и складирањето на нафта, нафтени деривати и природен гас. Денес, во нашата држава најголем извор на емисија на NMVOCs е категоријата употребата на растворувачи и екстракција во рамките на индустриските процеси, а треба да се споменат и согорувањето во домаќинствата и административните објекти како и фугитивните емисии од горивата како значајни категории на емисија на NMVOCs.

SO₂

Сулфур диоксидот (SO₂) како значаен загадувач на воздухот е безбоен гас со остар, иритирачки мирис, често опишуван како мирис на изгорени кибрити. Растворлив е во вода при што се создава H2SO3, а доколку се оксидира до SO3 со растворање во вода се образува H2SO4. Ова својство на SO₂ (и SO3) е причина за појава на кисели дождови кои штетно влијаат врз целокупниот екосистем (вегетацијата, производството на храна, животинскиот свет особено воден) како и материјалните добра (особено оние кои можат да се раствораат под дејство на киселина). SO₂ предизвикува е секундарно загадување, односно SO₂ може да се трансформира во сулфатни честички (аеросоли), придонесувајќи за загадување со фини честички (PM2.5) Главни антропогени извори на емисии на оваа загадувачка супстанца е согорувањето на фосилни горива што содржат сулфур (јаглен, мазут, нафта и дизел) и индустриски процеси, како што се рафинериите за нафта, производството на ѓубрива, топење на олово и цинкови руди, производство на челик, производство на хартија и др. Денес, во нашата држава најголеми извори на емисија на SO₂ се термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј кои како гориво користат лигнит и мазут.

NH3

Амонијакот (NH3) е е загадувач на воздухот и во отворен и во затворен простор, со остар мирис. Амонијакот природно се ослободува при распаѓање на органските материи, вклучувајќи животински и човечки отпад. Речиси сите атмосферски емисии на амонијак (NH3) се резултат на земјоделски активности. Главниот дел од емисиите од земјоделството произлегуваат од сточарското ѓубриво, а најголемите ослободувања на амонијак се јавуваат при ракување со ѓубривото во системите за сместување на животни. Втор најголем извор се земјоделските почви, главно поради емисиите од примена на минерални ѓубрива и примена на животинско ѓубриво. Амонијакот е токсичен и може да предизвика иритација на очите, носот и грлото. Во високи концeнтрации може да биде фатален ако се вдиши. Амонијакот исто така учествува во формирање на секундарни честички (PM2.5), главно преку реакции со кисели оксиди како азотни оксиди и сулфур диоксид, што е поврзано со разни здравствени проблеми, вклучувајќи намалена функција на белите дробови, срцеви проблеми и респираторни заболувања. Амонијакот придонесува за закиселување, нитрификација и еутрофикација на водните екосистеми.

CO

CO е безбоен, отровен гас без мирис и вкус. На глобално ниво е проценето дека 94% од јаглерод моноксидот присутен во атмосферата потекнува од природни извори или како секундарен производ (меѓупроизвод во оксидацијата на метанот со хидроксилен радикал. Затоа, секој процес на оксидација на метан што произведува јаглерод моноксид како меѓупроизвод сигурно значително придонесува за вкупното оптоварување со јаглерод моноксид, веројатно околу две третини од вкупниот CO). Природата е способна да го спречи зголемувањето на концентрацијата на CO во атмосферата, првенствено како резултат на оксидација на CO со хидроксил радикал до CO2, како и со помош на бактериите во почвата кои исто така го претвораат во CO2. Заради тоа, времето на живот на CO во атмосферата е од 36 до 110 дена што овозможува неговата концентрација да биде ограничена во атмосферата. Останатите 6% произлегуваат од човековите активности како што се нецелосно согорување на горивата базирани на јаглерод и тоа јагленот, мазутот, нафтата, дизелот и дрвото. Примарните извори на емисија на CO се издувните гасови од автомобилите и согорувањето на цврсти и течни горива во домаќинствата, како и индустриските процеси (како обработката на метали и хемиското производство), непотполното согорување на цврст отпад и природните извори како што се шумските пожари. Извори на внатрешно изложување се домашните ложишта и димот од цигари. Атмосферските нивоа на јаглерод моноксид во урбаните области покажуваат позитивна корелација со густината на сообраќајот на возилата и негативна корелација со брзината на ветерот. Атмосферата во урбаните средини може да покаже просечни нивоа на јаглерод моноксид многу повисоки од оние во оддалечените области. Денес, во нашата држава најголем извори на емисија на CO е категоријата согорување во домаќинствата и административните објекти.

Цврсти честички

TSP, PM10, PM2.5

PM е кратенка за честички (исто така наречени суспендирани честички): термин за смеса од цврсти честички и течни капки (аеросоли) што се наоѓаат во воздухот. Некои честички, како што се прашина, нечистотија, саѓи или чад, се доволно големи или темни за да се видат со голо око. Други се толку мали што можат да се детектираат само со електронски микроскоп. Исто така, честичките може да бидат примарни или секундарни. Примарни честички се оние кои директно потекнуваат од природните или антропогени извори, додека секундарните честички се формираат во атмосферата како резултат на сложени реакции на хемикалии како што се сулфур диоксид и азотни оксиди, амонијак, VOCs, разни радикали и други супстанци. TSP (вкупни суспендирани честички) е вид на загадување на воздухот кој ги опфаќа сите (по големина) честички суспендирани во воздухот. PM10 е вид на загадување на воздухот кое се состои од вдишливи честички со дијаметар од 10 микрометри или помалку. Овие честички се доволно мали за да се вдишат во белите дробови и можат да предизвикаат разни здравствени проблеми. PM2.5 е вид на загадување на воздухот кое се состои од вдишливи честички со дијаметар од 2.5 микрометри или помалку. Овие честички се извонредно мали и при вдишување во белите дробови можат да предизвикаат исто така разни здравствени проблеми, а можат да навлезат и во крвотокот. Денес, во нашата земја најголем извор на TSP (вкупни суспендирани честички) се категориите согорување кај домаќинствата и административните објекти и производство на ел. енергија (термоелектраните на лигнит), додека за емисијата на PM10 и PM2,5 е категоријата согорување кај домаќинствата и административните објекти.

Друго

BC

Црниот јаглерод (black carbon), попознат како саѓи, е вид на загадување на воздухот што се формира со нецелосно согорување на фосилни горива, биомаса и биогорива. Тој е главна компонента на честичките (PM2.5) и значаен придонесувач и за климатските промени и за негативните влијанија врз здравјето на луѓето. Главни извори на црн јаглерод се: 1. согорување на фосилни горива (дизел моторите, електраните на јаглен и други извори што согоруваат фосилни горива се главни придонесувачи), 2. согорување на биомаса (согорувањето дрва за греење и земјоделско согорување ослободува црн јаглерод. 3. Индустриски процеси (одредени индустриски процеси што вклучуваат нецелосно согорување, исто така, произведуваат црн јаглерод). Денес, во нашата земја главни извори на црн јаглерод се: согорување кај домаќинствата и административните објекти, согорување на горива во индустријата и градежништвото и транспорт

Основни тешки метали

Pb

Оловото (Pb) во воздухот постои во форма на честички и соединенија што се пренесуваат во воздухот, првенствено од индустриски извори (топењето на олово, преработката на руда и метали и производството на батерии), извори на согорување (на јаглен, нафта, отпад) и употреба на олово за авијациско гориво (авионите со клипен мотор, кои најчесто се наоѓаат на аеродромите за општа авијација, сè уште користат оловен авијациски бензин, што ги прави значаен извор на емисии на олово). Денес, во нашата држава најголеми извори на емисија на Pb се категориите согорувањето во домаќинствата и административните објекти и енергетските инсталации за производство на ел. енергија и топлина.

Cd

Кадмиумот (Cd) во воздухот првенствено потекнува од индустриски процеси како што се производството на метали (топилници) и согорувањето на отпад, вклучувајќи пластика и батерии, како и согорувањето на фосилни горива (јаглен и нафта). Тој постои во форма на честички, кои обично се мали по големина, и може да патува на долги растојанија во атмосферата пред да се таложи, преку влажни и суви процеси, на почва или вода. Изложеноста на кадмиум, особено преку вдишување, може да доведе до негативни здравствени ефекти, вклучувајќи оштетување на бубрезите и потенцијален ризик од рак (класифициран е како веројатен канцероген за луѓето од страна на Агенцијата за заштита на животната средина на САД (EPA)). Вулканските ерупции и вегетацијата, исто така, како природни извори можат да придонесат за присуство на кадмиум во воздухот, но тие се генерално се помалку значајни од изворите создадени од човекот. Денес, во нашата држава најголеми извори на кадмиум се категориите согорувањето кај домаќинствата и административните објекти и индустриските процеси.

Hg

Живата (Hg) во атмосферата постои во гасовита елементарна форма (GEM) која е најраспространета форма на жива, гасовита оксидирана форма (GOM) и форма врзана за честички (PBM). Вкупната гасовита жива (TGM), која ги вклучува GEM и GOM, обично го сочинува поголемиот дел од атмосферската жива, честопати надминувајќи 95%. Атмосферската жива е загрижувачка поради нејзината токсичност и потенцијал за биоакумулација, што влијае на здравјето на луѓето и екосистемите. Живата е невротоксин и може да предизвика разни здравствени проблеми, вклучувајќи невролошки, кардиоваскуларни и развојни проблеми. Изворите на жива во атмосферата вклучуваат електрани на јаглен, индустриски процеси и природни извори како вулкани и геотермални области. Живата може да се таложи од атмосферата во екосистемите, контаминирајќи ја водата и почвата и влегувајќи во синџирот на исхрана, особено како метилжива која е високо токсична форма. Денес, во нашата држава најголеми извори на жива се категориите производство на ел. енергија (термоелектраните на лигнит) и индустриските процеси.

Други тешки метали

As

Арсенот (As) во воздухот потекнува како од природни така и од антропогени извори, при што вторите често доминираат во локализирани области. Додека природните извори како што се вулканските ерупции и шумските пожари придонесуваат, индустриските активности (горење јаглен, топење руди и метали), земјоделските практики (примена на пестициди) и согорувањето на дрво третирано со арсен се значајни извори за арсенот во воздухот. Арсенот, особено кога е адсорбиран на честички (PM10), може да се транспортира на големи растојанија. Неорганскиот арсен, неговата потоксична форма, често се наоѓа во честичките што се пренесуваат во воздухот. Вдишувањето на честички што содржат арсен може да доведе до респираторни проблеми, вклучувајќи астма, бронхитис и рак на белите дробови. Хроничната изложеност на арсен е поврзана со кардиоваскуларни заблувања и други видови рак. Денес, во нашата држава најголемите емисии на арсен потекнуваат од категоријата производство на ел. енергија (термоелектраните на лигнит).

Cr

Хромот (Cr) во воздухот првенствено доаѓа од согорување и металуршката индустрија, при што шествалентниот хром (хром VI) е значителна загриженост. Додека тривалентниот хром е генерално помалку токсичен и слабо апсорбиран, шествалентниот хром е познат човечки канцероген и иритант, со потенцијал да предизвика рак, особено во белите дробови, и други здравствени проблеми како што се иритација на кожата и респираторниот систем. Денес, во нашата земја најголем извор на емисии на хром е енергетиката (процесите на согорување) и тоа: производство на ел. енергија (термоелектраните на лигнит), транспортот и согорувањето кај домаќинствата и административните објекти.

Cu

Во однос на емисиите на бакар (Cu) во воздух постојат два главни извори на загадување: aбењето на автомобилските гуми и сопирачки и употребата на огномет.

Ni

Никелот (Ni) во воздухот првенствено постои во вид на честички, со концентрации генерално ниски, но потенцијално зголемени во близина на изворите на емисија. Овие честички често се наоѓаат во форма на никел сулфат, никел оксид или комплексен никел-железен оксид. Иако никелот потекнува и од природни извори (земјена прашината донесена од ветер, вулканската активност, спреј од морска сол и шумските пожари), човечките активности преку индустриските процеси (рударство, топење на руди и метали, производство) и согорување (јаглен, нафта, отпад) се главни извори за никелот во воздухот. Изложеноста на никел во воздухот е поврзана со респираторни проблеми како што се астма и пневмокониоза (болест на белите дробови предизвикана од вдишување прашина). Никелот исто така е познат кожен и респираторен алерген. Некои соединенија на никел се класифицирани како канцерогени, а изложеноста на никел при работа е поврзана со рак на носот и белите дробови. Денес, во нашата држава речиси целокупната емисија на никел потекнуваат од категоријата производство на ел. енергија (термоелектраните на лигнит).

Se

Во однос на емисиите на селен (Se) во воздух постојат два главни извори на загадување: производство на ел. енергија (термоелектраните на лигнит) и согорување кај домаќинствата и административните објекти.

Zn

Во однос на емисиите на цинк (Zn) во воздух главен извор на загадување е согорувањето кај домаќинствата и административните објекти, транспортот, производството на ел. енергија (термоелектрани на лигнит) како и согорувањето на горива во индустријата и градежништвото.

Тешко разградливи органски загадувачи (POPs)

PAHs

Полицикличните ароматични јаглеводороди (PAH) се група хемиски соединенија кои се создаваат за време на нецелосното согорување на фосилни горива, биомаса (како јаглен, нафта, дрво) и отпад. Тие се наоѓаат во воздухот, и како гасови и како адсорбирани за честички, при што можат да се врзат за фини честички (PM), што е голема грижа за респираторниот систем.. Одредени индустриски активности, како што е производството на кокс, ослободуваат PAHs во атмосферата. Издувните гасови од возилата, особено од дизел моторите, значително придонесуваат за нивоата на PAHs во воздухот. PAHs исто така можат да се произведат природно од настани како што се шумски пожари и вулкани. Денес, во нашата држава најголем извор на загадување е категоријата согорување кај домаќинствата и административните објекти.

Dioxin, PCDD/F

Диоксините, група токсични соединенија, се наоѓаат во воздухот како резултат на различни процеси на согорување, вклучувајќи спалување на отпад, индустриски активности, па дури и природни настани како шумски пожари. Иако се наоѓаат во ниски нивоа во воздухот, тие можат да се акумулираат во телото, главно преку храна, и да имаат штетни здравствени ефекти. Извори на диоксини во воздухот се: 1. Процеси на согорување: согорување на отпад (комунален, медицински и индустриски), согорување на фосилни горива (нафта, дрво, јаглен) и шумски пожари 2. Индустриски процеси: производство на челик, одредени производствени процеси, како што е производството на некои пестициди и хербициди, исто така можат да ослободат диоксини. 3. Други извори: издувните гасови од автомобили, согорувањето дрва во домаќинствата, па дури и чадот од цигари, можат да содржат диоксини. Диоксините се ослободуваат како нуспроизводи од нецелосно согорување за време на процесите на согорување. Овие ослободени диоксини можат да се транспортираат низ воздухот на долги растојанија. Овие соединенија можат да се таложат од воздухот на почвата и водата. Здравствени ефекти: изложеноста на диоксин првенствено се јавува преку голтање (јадење контаминирана храна) и, во помала мера, преку вдишување. Откако ќе се најдат во телото, диоксините се акумулираат во масните ткива. Долгорочната изложеност на диоксини може да доведе до разни здравствени проблеми. Денес, во нашата држава најголем извор на загадување е категоријата согорување кај домаќинствата и административните објекти.

HCB

Процесот на согорување е главен извор на емисии на хексахлоробензен (HCB). Денес, во нашата држава најголеми извор на загадување на HCB се две категории и тоа: согорување на отпад и согорувањето кај домаќинствата и административните објекти.

PCBs

Полихлорираните бифенили (PCBs) можат да бидат присутни во воздухот, и во затворен простор и на отворено, и можат да претставуваат ризик за здравјето на луѓето. Иако PCBs повеќе не се произведуваат во многу земји, тие опстојуваат во животната средина поради нивната хемиска стабилност и можат да се ослободат од постари производи и материјали. Денес, во нашата држава најголемi извор на загадување на PCBs се две категории и тоа: производство на олово и употребата на електрични апарати од страна на населението.